Фондацијата за развој на образованието и културата Албиз успешно ја реализираше „Младинската академија – АЛБИЗ“, тридневна програма посветена на зајакнување на младите преку личен, професионален и граѓански развој.

Академијата се одржа во Струга, од 26 до 28 јуни 2026 година, а на неа учествуваа млади од средните училишта и студенти, кои во текот на трите дена имаа можност да учествуваат во интерактивни сесии, групна работа, отворени дискусии и практични активности.

Програмата на академијата беше осмислена како патување од запознавање на себеси и градење самодоверба, кон развој на конкретни идеи што можат да донесат промени во заедницата.

Во текот на првиот ден, учесниците работеа на теми поврзани со личниот развој, лидерството, комуникацијата, јавното говорење, тимската работа и соработката. Преку практични вежби и тимски активности, младите имаа можност да размислат за своите силни страни, својата улога во групата и важноста на ефективната комуникација.

Вториот ден беше посветен на претприемништвото, креативноста, иновациите и дигиталните вештини. Учесниците дискутираа за можностите на младите во современата економија, идентификување на бизнис-идеи, користење на дигитални алатки, личен брендинг, вештачка интелигенција за студенти, како и одговорно користење на социјалните мрежи. Во рамки на групната работа, тие развија почетни идеи во области како што се образованието, животната средина, туризмот, технологијата и младите.

Во текот на третиот ден, фокусот беше ставен на пишувањето проекти и преминот од идеја кон акција. Младите работеа на структурирање на своите идеи, дефинирање на целите, активностите, резултатите, ресурсите и можното влијание.

Младинската академија ја водеше обучувачот Леонард Каја, додека предавачи беа и проф. Рејхан Сулејмани (Претприемништвото како можност за кариера за младите), Грамоз Шабани од Фондацијата Албиз (Раководење со проектен циклус), како и Исра Адеми и Лиа Диаз Мареро од Фондацијата Албиз (Дигитални вештини).

Преку оваа академија, Фондацијата Албиз имаше за цел да создаде мотивирачки простор каде што младите можат да учат, да соработуваат, да градат самодоверба и да развиваат идеи што придонесуваат за нивната заедница.

Веруваме дека ова искуство е само почеток на едно ново патување за многу млади кон личен и професионален развој и активно учество во општеството.

Категории Вести