Фондацијата Албиз, во соработка со Центарот за одржлив развој АЛКА, реализираше дводневна обука фокусирана на енергетската ефикасност (ЕЕ) и обновливите извори на енергија (ОИЕ) во секторот на руралниот туризам.

На обуката учествуваа претставници на општините, сопственици и претставници на бизниси, како и други заинтересирани чинители од Скопскиот плански регион. Преку дискусии и размена на искуства, учесниците имаа можност да се запознаат со конкретните можности за поефикасно користење на енергијата и примена на одржливи решенија во руралните бизниси.

Во текот на обуката беа опфатени теми поврзани со заштедата и ефикасното управување со енергијата, користењето на обновливи извори на енергија, зелените технологии, како и можностите за финансиска поддршка за инвестиции во енергетска ефикасност и чиста енергија.

Важен дел од обуката беше и дискусијата за предизвиците со кои се соочуваат руралните бизниси и начините на кои инвестициите во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија можат да придонесат кон намалување на трошоците, зголемување на одржливоста и долгорочен развој на руралниот туризам.

Оваа активност беше реализирана во рамки на проектот „Energy Wise – Empowering Rural Tourism through RES & EE“, спроведен од Фондацијата Албиз и Центарот за одржлив развој АЛКА, со поддршка од BOOST Balkans, ALDA – European Association for Local Democracy и AFD – Agence Française de Développement.

Обуката претставува една од активностите на проектот чија цел е да се зголемат знаењата и капацитетите на чинителите во руралниот туризам за поефикасно користење на енергијата и за усвојување одржливи и еколошки решенија.

 

Категории Вести